Кампања за нови членови

Природата на ИАЕСТЕ Македонија како организација предводена од студенти налага континуирана потреба од нови членови. Затоа секоја година со цел организацијата да се промовира пред оние кои до тогаш не слушнале за неа или не знаат доволно се организира презентација пред потенцијалните нови членови. Оваа кампања започнува со активна промоција во сите печатени и електронски медиуим, преку интревјуа, гостувања во емисии, потоа промоција на универзитетските кампуси преку штандови, презентации, постери и флаери со коишто директно се информираат студентите за оваа огранизација.

Кампања за обезбдување на пракси

Бидејќи ИАЕСТЕ Македонија самостојно обезбедува пракси за странските студенти во Македонија во текот на годината се организира кампања за обезбедување на пракси или Job Raising кампања. Тоа е една од најважните активности на ИАЕСТЕ Македонија и претставува организирано контактирање на сите можни потенцијални работодавци и наоѓање соодветни понуди за платена стручна пракса. Тоа подразбира преговарање и договарање со одговорните лица во македонските компании и институции преку телефонски јавувања, електронски пораки, состаноци, интервјуа и слично. Најчесто се започнува со претставување на организацијата по телефон, па се испраќа дополнителен материјал за ИАЕСТЕ, па потоа лично се разговара со одговорните лица, по што се потпишува договор за извршување на праксата со сите детали и информации. Оваа кампања е важна бидејќи вака обезбедените пракси потоа се разменуваат на годишната конференција за пракси за македонските студенти во другите држави во светот, така што колку повеќе пракси за странски студенти ќе се обезбедат, толку повеќе македонски студенти ќе заминат на пракса во странство.

Летна рецепција

Секоја година во летниот период кога има голем број странски студенти коишто се на пракса во Македонија се организира „летна рецепција“. Македонија е позната по тоа што се организира една од најдобрите и најактивните летни рецепции од сите држави во светот. ИАЕСТЕ Македонија има одреден број студенти кои се присутни во текот на летото за да им помогнат на странските студенти за какви било проблеми како и за искрено другарување. Почнувајќи од пречекот на студентите на аеродромите или железничките станици или било кое место на доаѓање, па се до организирање на забава за добар пат или farewell party престојот на странците е исполнет со незаборавни моменти и активности. ИАЕСТЕ Македонија секоја година има барем еден, а во последните години двајца „координатори“ за летната рецепција кои се задолжени за сите активности во текот на целото лето, како и двајца координатори задолжени за специфичние активности во текот на две седмици. Вториот пар се менува на секои наредни две седмици и е одговорен за активности од типот на вечерни излегувања, спортски настани, дневни прошетки и слично кои се организирани во план на неделата каде што секој ден има зацртана активност Познати се и ИАЕСТЕ викендите кои претставуваат организирани прошетки во текот на викендот до некое место во Македонија каде што се одржува некој специфичен настан, како на пр. Галичка свадба, или пак едноставна прошетка низ непресушните извори на убавина во државата (планини, реки, водопади, езера, градови и села, и сл.).

Летната рецепција е дел во кои се стекнуваат вечни пријателства со луѓе од сите земји ширум светот, а претставува можност и за македонските студенти да ја истражат сопствената татковина. Бидејќи не сите членови на ИАЕСТЕ организираат толку богата и релаксирана летна рецепција како ИАЕСТЕ Македонија, оваа активност е важна и корисна за промоција на Македонија која секоја година станува се поблиску до најпопуларна летна дестинација за пракса.

Интернационална вечер

Во рамки на летната рецепција ИАЕСТЕ Македонија организира една вечер која нуди патување околу светот за само неколку часа и тоа без да се напушти милата Македонија. Интернационалната вечер нуди можност за дружење со луѓе од целиот свет кои се собрани на едно место – во Македонија. Ниедна вечер не може да помине без храна и пијалок, па поради тоа оваа вечер се приготвуваат јадења и пијалоци од најразлични култури на Земјата и тоа оригинално подготвени од самите практиканти. Освен храната и пијалокот оваа вечер нуди можност за запознавање и со различните светски култури преку музиката, танцот, јазикот, традицијата, приказните и другарувањето со луѓе од соседството па се до крајните точки на планетата.

Се разбира оваа вечер е незаборавна и за самите практиканти кои имаат можност да е запознаат со разните култури а и со македонската бидејќи меѓу популарните маси се наоѓа и македонската маса полна со традиционални македонски јадења и пиења, потоа претставување на македонски ора, носии и слично. На таков начин оваа вечер претставува настан на кој на прекрасен начин се чувствува топлината и убавината на различноста која ја нуди ИАЕСТЕ.

СТМ - Семинар за тренинг и мотивација

Секоја година на пролет се организира Семинар за тренинг и мотивација на нови членови. Иако името звучи доста формално и сериозно, ова всушност е настан исполнет со незаборавна дружба со сите членови на ИАЕСТЕ Македонија, нови членови, потенцијални членови, другари и другарки дојдени за дружење како и странски практиканти, поранешни практиканти пријатели од странство и слично.

СТМ најчесто се организира на некое место не многу далеку од главниот град, како на пр. Попова Шапка, Љубанци, Матка, и освен идеална можност за другарување, скара, музика и уживање, на овој семинар се тренираат и мотивираат членовите на ИАЕСТЕ како би се зголемила нивната активност и тие би станале поефективни, а и се тренираат и мотивираат сите повеќе или помалку заинтересирани студенти , стари и нови членови да станат дел од ИАЕСТЕ. Тоа се прави преку разни презентации, раскажувања, работни групи, но претежно преку популарните СТМ игри за запознавање и дружење во кои учествуваат сите а се играат и во текот на целата година. Овој семинар претставува одлична можност за одблиску да се запознаат студентите со ИАЕСТЕ и да одлучат дали сакаат да се приклучат на организацијата.

CEC (Central European Convention)

CEC претставува многу важен настан за ИАЕСТЕ, чија главна цел е да се споделат искуства, да се подобри соработката помеѓу националните комитети како и помеѓу локалните комитети во рамки на ИАЕСТЕ во централа Европа а и да се оформат нови идеи за уште поуспешна работа. Секако тоа е и одлична можност за проширување на познанствата и запознавање на нови култури. Поради големиот успех, годишно се организираат два CEC настани, на две соодветни места во централна Европа.

Малку историјат: Првиот CEC е одржан во мај 1998 година во Хрватска по иницијатива на ИАЕСТЕ Хрватска и Австрија. Првобитниот мотив бил заеднички да се организираат викендите од летната рецепција. Со текот на времето ЦЕЦ прераснал во собир од девет ИАЕСТЕ национални комитети: Австрија, Унгарија,Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Полска и Македонија. Покрај местоположбата овие ИАЕСТЕ комитети ги врзува и тоа што се водени од студенти, што значи дека имаат сличности во начинот на функционирање и дека делат слични интереси, а воедно и проблеми. Од тие причини се организираат и работни групи на кои се разменуваат искуства и нови членови се запознаваат со работењето на ИАЕСТЕ.

TWIN

Средбите TWIN се на некој начин интернационална културна размена помеѓу националните комитети на ИАЕСТЕ на две земји. Целта е запознавање на членовите, зголемување на интересот на земјите една за друга, а со тоа и збогатување на соработката помеѓу националните комитети.

Секоја година ИАЕСТЕ Македонија организира еден вид на културна размена со национален комитет од друга земја која секогаш резултира со многу среќни лица и многу повеќе разменети пракси со таа земја во наредната година. Семинарот TWIN се состои од два дела. Најпрво околу 20-тина студенти од странскиот комитет доаѓаат на неколкудневна посета во Македонија и се вљубуваат во неа, а потоа исто толку македонски студенти поминуваат неколку дена во државата – близнак. Тоа се денови на интензивно дружење со колегите од странство, патување низ земјата и излети во нејзините најатрактивни градови и запознавање со нејзината култура, традиција и менталитет, но се одржуваат и работни групи за подобрување на соработката и размена на искуства од работата на националните комитети.