ИАЕСТЕ Македонија

ИАЕСТЕ Македонија е неполитичка, независна, невладина, волонтерска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети за извршување на стручна пракса. Иако од 1952 година ИАЕСТЕ Македонија функционира како локален комитет на Југославија, со здобивање на независност на Р. Македонија група на амбициозни студенти во декември 1992 година го формираат националниот комитет на ИАЕСТЕ Македонија со надеж дека ИАЕСТЕ Македонија ќе стане полноправна членка. На Генералната Конференција на ИАЕСТЕ во Мексико Сити тоа и се случува и веќе 18 години функционира и постои како полноправна членка со окулу 300 членови.

Раководена е од Национален одбор на чие чело стои Националниот секретар, чија задача е да ги координира локалните комитети на ИАЕСТЕ Македонија, како и да ја претставува организацијата на меѓународно ниво. На чело на секој Локален комитет стои Локален одбор избран од страна на полноправните членови на соодветниот Локален комитет, составен од пет члена: Претседател на Локалниот комитет, Одговорен за финансии, Одговорен за македонските студенти кои остваруваат пракса во странство, Одговорен за странските студенти кои остваруваат пракса во Македонија и Одговорен за маркетинг. Сите имаат мандат од една година од моментот на изборот.

Секој редовен студент кој студира на следниве факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”: Електротехнички, Машински, Градежен, Архитектонски, Технолошко-металуршки, Шумарски, Земјоделски, Природно-математички, Рударско-геолошки, во рамките на Локалниот комитет од Скопје, потоа на Техничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во рамките на Локалниот комитет во Битола, како и на интердисциплинарните студии организирани на тие факултети може да стане член на ИАЕСТЕ Македонија. На крајот на секоја година во зависност од неговата посветеност и присуство во организацијата, односно од активностите кои ги извршувал, јазиците кои ги зборува како и неговит постигнат просек тој може да се здобие со предност при бирање на праксите кои се разменети.

ИАЕСТЕ Македонија е организација која овозможува стекнување на работно искуство и издигнување на професионален план на секој студент. Таа му дава можност на секој студент да стане дел од едно семејство во кое ќе стекне пријатели од целиот свет и ќе доживее незаборавни моменти.