Потреба од соработка и придобивки

Годишната Конференција е најголемиот настан кој е организиран од македонските студенти од три универзитети. Организирањето на оваа Конференција носи огромни бенефиции и овозможува презентирање на нашата држава, пред многубројното ИАЕСТЕ членство и институциите со кои соработуваме. Ние сакаме државата да ја издигнеме скалило погоре, како организирана европска земја која го поддржува образованието и вложува во идните инженери, лидери и научници.

Оваа Конференција претставува чекор напред за нас студентите и е од особена важност за развој и стручно усовршување на млади луѓе по завршувањето на своите студии.

Знаеме со колку многу енергија и ентузијазам располага нашата младина, а желбата да се биде домаќин на ваков настан е несомнено голема. За многу млади луѓе, студенти и лидери, воспоставувањето на контакти со институции и компании, како од земјата така и од странство, претставува исклучителна шанса, непроценлива придобивка, ширење на хоризонтите и клуч за успешна кариера.

ИАЕСТЕ Македонија е непрофитна организација водена од студенти-волонтери кои постојано вложуваат во себе, во своето образование и професија. Поради недоволниот буџет со кој располагаме, секоја поддршка и соработка ни е добредојдена, и истата директно ќе влијае на успешноста и професионалноста на Конференцијата, а нам ќе ни го подигне кредибилитетот како студентска организација и ќе ни ја олесни организацијата.