Годишната Конференција 2012
ГК – Годишната Конференција на ИАЕСТЕ е настан кој ги поврзува
сите ИАЕСТЕ комитети ширум светот, кои заедно носат значајни одлуки за иднината
на меѓународното делување и овозможува дипломатско подобрување на политичките и
културните односи помеѓу сите земји членки на ИАЕСТЕ.
Се одржува еднаш годишно, секоја година во различна земја. Конференцијата трае една
седмица и е поделена на два позначајни дела, конференциски сесии (дискусии, одлучувачки
сесии и гласање) и разменски сесии (сесии каде се разменуваат праксите). На конференциските
сесии преку 300 делегати, претставници на ИАЕСТЕ, од 87 различни земји,
со здружени сили ги планираат работите кои треба да се реализираат во тековната
година, на интернационално ниво. На разменските сесии се разменуваат пракси од сите
ИАЕСТЕ земји.
Во просек, годишно, на конференцијата се разменуваат 5000 пракси. Покрај програмата
на конференцијата, предвидени се и низа настани како: Традиционална македонска вечер,
Интернационална вечер, Гала вечер, разгледување на поважните градови од земјата
од културолошки аспект и др.
Во 2012 година, за прв пат во историјата на ИАЕСТЕ ја имаме честа оваа конференција
да се одржи во Македонија. Ќе трае од 20-ти до 27-ми јануари. Подготовките одамна
започнаа, заедно со маркетинг кампањата и најзначајната, кампањата за стекнување
партнерства, помагатели и покровители на конференцијата. Бројот на членови-волонтери
кои активно работат за организирањето на овој настан изнесува околу 40. Оваа бројка
постојано расте, а се повеќе се вклучуваат и нови членови со голема желба и огромни
амбиции, затоа што инвестирањето во ваков настан, во било каква форма, е предуслов
за успешна ИАЕСТЕ година.