Пристигнаа првите странски практиканти

Продолжувајќи ја нашата долгогодишна традиција и ова лето ги пречекуваме странските практиканти во нашата земја. Пристигнувањето на првите практиканти на 28 и 29 Мај од Бразил и Босна и Херцеговина официјално го одбелажа почетокот на нашата Летна рецепција во која очекуваме околу 70 студенти од целиот свет. Исто така и првите студенти од Македонија веќе отпатуваа во земјите каде што ќе ја остварат својата пракса во летниот период. Шпанија, Малта и Полска се првите земји кои ги пречекаа нашите студенти.

Гордо носејќи го епитетот на еден од најразвиените комитети во светот, со задоволство го планираме и ова лето да биде најубавото за странците. Организирајќи им го секој ден со различни активности и прошетки, практикантите покрај работата во нашите факултети и реномирани компании, ќе имаат можност да го запознаат нашиот пријателски ИАЕСТЕ-дух. А како што покажало искуството, Македонија им останува во срцето, и на неа се сеќаваат со насмевки на лицето и многу интересни моменти за раскажување. Освен Скопје, практикантите ќе имаат можност да ги посетат и најзначајните настани и места низ Македонија за време на летниот период, како што се Охрид за време на празникот Илинден, Галичка свадба, фестивалот Манаки - Битола, искацување на Солунска Глава, манастир Св. Јоаким Осоговски и др. Секојдневните дружења на нашите студенти со странските практиканти ќе остварат многу пријателства и контакти, и ќе овозможат размена на професионалните искуства и знаења, кои се од голема корист за секој студент.

Bookmark and Share