Често поставувани прашања

Каква организација сте и со што се занимавате?

ИАЕСТЕ е меѓународна студентска организација и главна активност и е размена на студенти за стручна пракса.

Дали е тоа нешто како студентска задруга за сезонска работа во странство?

Платена стручна пракса е повеќе месечна работа во некоја фирма, која студентот ја извршува, а е од доменот на неговите студии и за тоа добива соодветен паричен надоместок.

Колкава треба да биде платата што треба да ја добива студентот?

Основно начело на ИАЕСТЕ е дека платата што треба да добива студентот треба да ги покрива животните трошоци во земјата каде ја извршува праксата. Тоа вообичаено е просечен личен доход на земјата. Кај нас минималната парична надокнада за извршената работа би била 13000 денари за секои 4 седмици. Освен платата, во понудата може да биде вклучен и евентуален бонус или награда за залагање и добри резултати во работата.

Дали соработувам со сериозна организација?

За успешноста и сериозноста на ИАЕСТЕ како светска организација постојат повеќе показатели. Така, во нејзиното педесетидеветгодишно постоење извршени се околу 350000 пракси во над 100000 фирми во кое што партиципирале над 70 земји од сите континенти. Тоа секако, ги збогатило животното и работно искуство на овие студенти со непроценливо вредност. И самиот број на разменети пракси на ИАЕСТЕ - Македонија, кој секоја година се зголемува, говори за подемот, успешноста и големината на организацијата. А покрај тоа значајно е да се спомне и дека партнерите со кои соработуваме се меѓу најуспешните фирми и институции во Македонија. Македонија е и во самиот врв според бројот на примени практиканти во однос на бруто националниот приход.

Што добиваме со давање пракса на некој странски студент?

Хуманоста и волјата за соработка со студентите и нивно помагање при градење на инжинерската кариера е една од основните особини на фирмите и институциите кои соработуваат со ИАЕСТЕ. Треба да се знае фактот дека праксите што се разменуваат меѓу различните ИАЕСТЕ - Комитети се со реципрочна основа, што значи дека со секоја пракса што му ја давате на некој странски студент, овозможувате да македонски студент престојува неколку месеци на работа во некоја странска фирма. Преку странскиот студент што ќе го примите на стручна пракса во Вашата фирма може да остварите соработка со некои странски фирми и универзитети од земјата од која тој даоѓа. При тоа имате можност да се запознаете со технологијата и проектите што таму се користат, а можеби и со некои нови методи кои што би биле интересни за вашата област на работа. Сето ова може да придонесе за стекнување на знаења со кои би си ја унапредиле работата во Вашата фирма. Странскиот практикант претставува можност за учење и усовршување на странски јазик за вработените како и можност за нивно запознавање на културата и обичаите во соодветната земја. Со давање на пракса, вие ќе стекнете имиџ на современа фирма која мисли на младите генерации и им помага на идните инжинери и ќе си најдете место веднаш до добро познатите светски гиганти од калибарот на: BOSCH, PHILIPS, VOLVO, SIEMENS, OPEL и многу други. Странскиот студент ќе внесе интернационален дух во работата на фирмата, а тоа може да допринесе за дополнителна мотивација и на редовно вработените. И на крајот странскиот студент може да помогне при извршувањето на тековните работи во летниот период кога голем дел од вработените се на годишен одмор.

Кој е периодот на извршување на праксата?

Најчесто праксите се извршуваат во летниот периодот , од 1 јуни до 30 септември, за да не се попречи редовното студирање на практикантите, но таа може да се одвива и во пролетниот или есенскиот. Фирмата, зависно од својот годишен план, треба да го одреди поширокиот термин кога студентот би ја извршувал праксата. Во договор со ИАЕСТЕ - Македонија можно е извршување на праксата во било кој дел од годината.

Колкава е должината на праксата?

Должината на праксата ја одредува фирмата-работодавец во зависност од потребите, можностите и типот на понудената пракса. Минималната должина на пракса е 6 седмици. Ова бројка доаѓа од податокот дека во земјите во кои праксата е задолжителен дел од образованието минималното нејзино времетраење е 6 седмици. А и доаѓањето на студенти од подалечни земји, како на пример Бразил, Кина, Мексико не би било оправдано поради патните трошоци за покус период на пракса. Вообичаената должина на времетраење е 8 седмици. Во светски рамки се почести се праксите од 3, 6 па повеќе месеци.

Кој странски јазик треба да го зборува странскиот студент при изведување на праксата во нашата фирма?

Во описот на понудената пракса треба да го наведете јазикот со кој ќе се служат претпоставениот и блиските соработници на практикантот. Најчесто тоа е англискиот јазик, но може да побарате тоа да е француски, германски, а во договор со ИАЕСТЕ - Македонија и на некој друг странски јазик.

Дали можеме да го специфицираме профилот на практикантот за пракса во нашата фирма?

Да, тоа е Ваше право да одредите од кој факултет да биде студентот, годината и насоката на студии, степенот на познавање на странскиот јазик со кој тој ќе се служи при изведување на праксата. Доколку е неопходно за успешно извршување на праксата, имате право да ги наведете и специфичните предзнаења од одредена област што треба да ги има. Доколку сакате, можете да ги одредите и возраста и полот, како и земјата или регионот од каде што сакате да доаѓа практикантот.

Дали имаме други обврски кон практикантот?

Не, затоа што се друго е обврска на ИАЕСТЕ - Македонија. На пример: пречекот и испраќање, сместување, носење до работното место првиот работен ден, а и формалностите околу пријавувањето и одјавувањето на странскиот студент во соодветните државни органи. ИАЕСТЕ - Македонија го организира неговото слободно време како и запознавање со земјата, културата и нашите обичаите. Сите странски студенти доаѓаат со целосно здраствено осигурување, сепак во случај на евентуални здраствени проблеми, целата грижа за студентот ја превзема ИАЕСТЕ - Македонија.

Што треба да содржи описот на праксата?

Во описот на работата треба да биде наведен типот на понудената работа, описот на проектот во кој практикантот би бил вклучен како и конкретните задачи кои истиот треба да ги извршува. Пожелно е да се напише накусо за типот на активностите во фирмата или работната единица. Праксите кои содржат само општ опис на праксата се несериозни и постои многу мала веројатност истите да бидат разменети. Поради тоа, во ваш интерес е да дадете што подетален опис на праксата, затоа што само така е овозможена успешна размена, а и студентот што ќе се номинира за таа пракса ќе има предвид за каква пракса се номинирал и подобро би се подготвил (со потребното предзнаење ). Во временскиот интервал од склучувањето на договорот до нејзиното реализирање може да се променат некои околности во фирмата, па секако дека на студентот може да му се дадат некои други работни обврски или поактуелни задачи, сродни по научната област во која се изведува праксата.

Поради погоре споменатите причини т.е. поради подобрување на имиџот на компанијата би примиле студент, но навистина ние во летниот период немаме многу работа и не можеме да понудиме пракса на многу високо стручно ниво.

Тоа воопшто не е причина за да не понудите пракса. Дури и во поразвиените земји праксите се случува да бидат прилично едноставни. Праксата не се извршува само заради стручното усовршување, туку и за запознавање на практикантот со реалните ситуации во животот кои се случуваат при вработувањето, кои што се новитет и нешто различно споредувајќи со факултетските клупи и студентскиот начин на живот. Ние работиме многу и сериозно, а работата е и одговорна.

Да се најде квалитетна работа за практикантот не е проблем. Но дали тој ќе покаже доволна ангажираност? Да не се случи да добиеме некој кој нема да аботи и ќе биде незаинтересиран за работата?

Тоа воопшто не се случува. Всушност ИАЕСТЕ - Македонија најчесто го има спротивниот проблем, нашите фирми им даваат премалку работа на практикантите. За разлика од кај нас, во повеќето странски земји на практичната работа и се дава вистинското значење кои го заслужува. Практикантите од овие земји се наполно свесни за корисноста на максималната ангажираност при работата па тоа и го демонстрираат. Често странските студенти имаат обврска од матичниот факултет да напишат извештај за своите пракси и за тоа што тие сработиле за време на праксата, кое што им претставува и дополнителна мотивација за работење.

Bookmark and Share