Летна рецепција
ИАЕСТЕ Македонија е синоним за најдобро организирана Летна Рецепција. Овој епитет
гордо и заслужно го носи повеќе од десет години и сето тоа благодарејќи на македонските
ИАЕСТЕ членови. Некои од студентите кои доаѓаат во Македонија можеби првпат слушнале
за Македонија кога аплицирале за пракса преку ИАЕСТЕ, меѓутоа сите си заминуваат
со прекрасни и незаборавни спомени. Викендите и активностите во вечерните часови
се омилениот дел на практикантите, но и на нашите членови кои се во Македонија во
текот на летото. Секој понеделник се одржуваат неделни состаноци на кои се претставуваат
новодојдените практиканти и се објавува планот на неделата и планот за претстојниот
викенд од страна на координаторите. На секои две недели се менуваат по двајца координатори
од македонските членови кои организираат различни активности преку недела и викендите
според однапред определен распоред. Секоја година планот за викенди во текот на
Летната Рецепција се договора за време на Семинарот за Тренинг и Мотивација на нови
членови.
Саботните утра се резервирани за освојување на некоја нова дестинација во Македонија:
Охрид, Битола со Хераклеа и Пелистер, Дојран, Струмица и Смоларските водопади, Крива
Паланка и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, Прилеп за време на Пиво-Фест, Солунска
Глава, па и оние во околината на Скопје, како Матка, Водно и Катланово. Викендите
во Охрид за Илинден и во Галичник за време на Галичка Свадба, кога практикантите
се запознаваат со еден од најинтересните обичаи и традиции на нашата земја, се едни
од омилените викенди. Настан кој сигурно останува врежан во нивните срца е и Интернационалната
Вечер, која се организира во средина на летото, кога обично има најмногу практиканти.
Практикантите ја претставуваат нивната земја и некое национално јадење кое го приготвуваат
во кујните на членовите на ИАЕСТЕ Македонија. Секое ИАЕСТЕ лето е посебно, уникатно
и незаборавно искуство, кое останува засекогаш во нашите срца.