„Барселона ми остана во срцето“

ИАЕСТЕ лого

Како и секој друг млад човек кој сака да запознава нови пријатели од различни краишта на светот, кој сака да го збогати своето знаење, но во исто време и да прошета, самоиницијативно станав член на големото интернационално семејство на ИАЕСТЕ. Иако на почетокот без многу надеж дека ќе се случи нешто незаборавно, подоцна се потврди тоа дека најубавите нешта се случуваат кога најмалку очекуваме. За мене тоа беше Барселона. Барселона, град во северниот дел од Пиринејскиот полуостров, распослан на брегот на Средоземното Море, плени со медитеранската клима, исклучително љубезните жители и со звукот на традиционалната шпанска гитара.

За време на мојот престој таму работев во две фирми во Тераса, градче на 30-тина километри од Барселона. Претпладне работев во првата фирма, Ilimit Comunicacions. Работев на повеќе проекти истовремено. Секој од колегите имаше своја област и задача што треба да ја сработи со склоп на еден проект, но постојано беа околу мене да ми покажат или објаснат доколку имам прашања. Мојата задача беше да дизајнирам веб страни со помош на алатките CS3 Dreamweaver, CS3 Photoshop и CS3 Flash. Попладне работев во втората фирма, SnellOptics, каде што бев задолжена за изработка на интравеб-от на фирмата за употреба од страна на сите вработени. Апликацијата се работеше во програмскиот јазик php, базата ја направив во PhpMyAdmin, а дизајнот со помош на обичен HTML. Работата и во двете фирми беше многу интересна, научив многу новини, го надградив моето дотогашно знаење и верувам дека ова искуство ќе ми биде од голема корист во иднина.

Покрај практичното искуство, тука е и животот во една нова земја, запознавање со нејзината култура, јазик, традиција. Заедно со останатите практиканти имавме можност да посетиме повеќе градови во Каталонија и Шпанија, да ги искусиме едни од најубавите плажи на медитеранот, да бидеме дел од неописливата атмосфера на извонредните „festas” каде се празнуваат различни слави, да го пробаме вкусот на традиционалните јадења „пататас бравас“ и „паеља“. Несомнено, ова е градот на сонцето, градот на прекрасната модернистичка архитектура на Гауди, чии што улици полни со луѓе и живот ги мамат посетителите да направат уште еден чекор повеќе, да откријат нешто ново. Градот со невиден шарм кој може да се почувствува од моментот кога ќе стапнете во него.

Катерина Туџарова

<< Назад

Bookmark and Share