Земјата со светлосните екстреми

Само што помина една четвртина од годината, за која не сум ни свесна како помина, едноставно времето летна без да забележам. Летна оставајќи ми прекрасни небројани спомени од кои ќе живеам и ќе ја полнам душата секојпат кога ќе ги гледам и ќе воздивнувам на фотографиите кои ги сликав со кои ги овековечив некои од моментите. Сите овие моменти ги искусив во една од земјите на Скандинавија, поточно во Норвешка, земја во која ектремите на континуирана светлина и континуирана ноќ создаваат едно немирно чуство, а од друга страна еден невиден баланс на рамнодушност.

Јас бев таму додека светлината преовладуваше, кога сончевите зраци ги откриваа фјордовите и Норвешка ни ги откриваше утробите на планините и прекрасните зајдисонца. Овие моменти беа ретки но доволни за да сфатиме дека секој момент треба да се користи за да се фатат убавините. Ладните убавини, мирните води на езерата и фјордовите не’ мамеа да ги пробаме и да запливаме во нив, но за некој да го стори тоа треба да има ладно викиншко срце. Смиреноста и кроткоста се препознатливи знаци за да знаеш дека се работи за човек со националност Норвежанин.

Таква една тивка и смирена атмосфера доживеав и во компанијата во која работев на мојот проект кој креираше и презентираше разни типови на извештаи за фабриките кои ги поседуваше компанијата. Како за благодарност компанијата на крај организираше колачи и кафе пауза само за мене, во која ми подарија ракавици со норвешки дизајн и цвеќе лилјани заблагодарувајќи ми се за мојот труд.

Секојпат ќе останат во моето сеќавање прекрасните луѓе кои ги запознав таму и со кои поминав прекрасни вечери, со кои за првпат пробав кит и кафеав кашкавал, со кои искусив интересните вечерни излегувања на дневна светлина, со кои пиев акававит и пивото Далс, со кои поминавме прекрасни патувања до некои од планинарските куќички и разни фјордовски дестинации, со кои се трудевме да научиме по некој збор од певливиот норвешки јазик, со кои возејќи со велосипеди се трудевме да стигнеме секаде на време дури и на освежителниот дождец, со кои се обидовме да уловиме по некоја риба и со кои споделив многу интерсни приказни и кои секојпат ќе ги носам во срцето надевајќи се дека еден ден пак ќе го повториме истото или ќе споделиме нови моменти на кои вечно ќе се сеќаваме.

Лилјана Пендовска

<< Назад

Bookmark and Share