Глазгов, Шкотска, Велика Британија
Работодавач: Универзитет Стратклајд Глазгов, Институт за дизајн,
производство и инженерски менаџмент
Патување... Сигурен сум дека барем еднаш во денот, особено во моментите кога размислуваме
за убавите нешта, помислуваме на патувањата. Откривање на нови дестинации, запознавањето
на нови пријатели, уживањето во новите кујни и традиции се дел од работите што не
прават нас луѓето среќни. Тоа е ИАЕСТЕ, линк помеѓу нашите неисцрпни желби за патување
и нашиот глад за целокупен наш развој.
Тоа јас го доживеав ова лето и слободно можам да кажам дека ова лето беше најдоброто
лето во мојот живот. Стекнав големо и немерливо искуство, на секое поле, во десетте
недели од мојот живот поминати во Глазгов, Шкотска. Мислам дека никое патување од
неколку дена неможе да се спореди со мојот пример на всушност реален живот во едно
целосно различно општество.
Најпрво практичното искуство. Сигурно во текот на вашите студии сте се сретнале
со стравот дека иако премногу теорија знаете нема да биде лесно тоа знаење да го
искористите во практичната работа. Јас повеќе не си го поставувам тоа прашање, веќе
можам да кажам дека сум сигурен за во иднина. Практичната работа во светски познатиот
универзитет Стратклајд ми даде до знаење дека сум подготвен да живеам живот на еден
академски граѓанин. Во текот на десетте недели практична работа се сретнав со голем
број на проблеми, како јазични, теоретски и практични, но тоа не ме закочи да научам
повеќе работи од поразлини области, се со цел да го изработам мојот проект. Работев
на развој на еден сосема нов систем на 3Д принтери за брзо прототипирање и градење
на модели од пластика.
Главната разлика со комерцијалните 3Д принетери беше тоа
што мојот принтер е само-реплицирачки со што цената е десетици пати помала од останатите.
Главната цел на овој проект, кој сеуште е во развој на мојот претпоставен професор
Џонатан Корни, е секое семејство, училиште, универзитет да има една ваква машина
со што ќе се скрати времето на трансфер на одредени продукти изработени од пластика
и ќе се поефтини изработката нови делови (прототипови). Целокупната работа дефинитивно
ги подобри сите мои знаења и баш се погоди со мојот модул на студии – машинството.
Во врска со приватниот живот мислам дека ќе ми треба да зборам уште десет недели
за да можам да ви ги доловам целосно сите незаборавни моменти поминати во Глазгов.
Едноставно самостојниот живот, заедно со уште 30-тина други луѓе од секаде во светот
кои се наоѓаат на иста бранова должина со вас, секогаш ќе биде дел од мене кои ќе
ме потсетува на убавите моменти од студентскиот живот. Патувањата наоколу Шкотска
и останатите делови од Обединетото Кралство, заедно со моите нови пријатели, ја
исполни мојата желба за патување, барем за оваа година, која ја спомнав на самиот
почеток.
Глазгов, Единбург, Стерлинг, преубавите планински високи предели на Шкотска
преполни со зеленило, водопади и многу езера, како Лох Нес, пливањето во ладниот
Атлантски океан, посетата на Лондон со преубавите кралски замоци, Стоунхенџ, Романските
бањи во Бат и многу други локации веќе се реалност за мене. А сето тоа во придружба
на добри другари, многу убаво Шкотско виски, интересни специјалитети и народни игри
и пријателски настроен Шкотски народ ме направи да се чуствувам како полноправен
член на тоа напредно општество со голема традиција и ми помогна да ги проширам моите
видици и променам мојот начин на размислување.
Ви го посакувам истот на сите вас, сегашни и идни членови на ИАЕСТЕ, каде и да сте
и каде и да одлучите да биде вашата следна дестинација за патување и пракса.>
Никола Тодоровски
<< Назад