Развивав софтвер за НАСА во Вашингтон, Д.Ц.
Во завршната година од моите студии по Компјутерска Техника Информатика и Автоматика
на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии, добив можност за извршување
на стручна пракса преку програмата на ИАЕСТЕ во главниот град на Соединетите Американски
Држави, Вашингтон. “University of Maryland” ми овозможи 12 месеци да работам на
многу интересен проект кој непроцениливо го збогати моето знаење во креирање и развој
на софтверски решенија.
После 1 месец од моето пристигнување, откако се запознав со одделот во кој ќе работам
(Center for Advanced Life Cycle Engineering (CALCE))
и откако мојот ментор Dr Michael Pecht се запозна со моите познавања и способности,
ме назначи да работам на изработка на нов софтвер кој NASA (National Aeronautics
and Space Administration) го побара од нашиот оддел. Тимот во кој што работев, составен
од истражувачи на докторски студии од најразлични области, имаше изработено алгоритми
за прогностика и дијагностика на здравјето на електронските компоненти, или поточно
алгоритми кои предвидуваат и дијагностицираат грешки во работата на електронски
компоненти, како и предлагаат нивни решенија. Алгоритмите беа составени од математички
решенија и инструменти со кои за прв пат се сретнав.
Моја задача беше да креирам софтвер кој ќе ги опфати овие алгоритми - „Софтвер за
набљудување на здравјето на електронските компоненти“. Софтверот требаше да го креирам
сама од почеток до крај. Се одлучив за web базирано решение бидејќи имав повеќе
познавање во таа област. За време на развојот на софтверот, имав месечни презентации
на прогрес во работата и конечно после 10 месеци откако првата верзија на софтверот
беше тестирана и подготвена за употреба добив шанса да го презентирам во просториите
на NASA каде што веднаш го прифатија и ќе продолжат да го развиваат. Неверојатно
е чувството кога знаете дека вашиот труд е вреднуван. За време на праксата се стекнав
со многу знаења, контакти како и понуди за продолжување на студиите и работа.
12 месеци во САД ми беа доволни да се запознаам со културата, историјата и убавините
на оваа земја. Голема колку што е, нуди се што можете да си замислите. Од пустини
и планини, тропски острови, плажи, океани, мали градови, фарми, до огромни градови,
економски и технолошки центри, универзитетски кампуси, едни од најбогатите музеи
во светот и што уште не. Различност во секој поглед. Луѓе од сите страни на светот
и многу патувања низ земјата ми го направија престојот во САД незаборавен. Благодарам
ИАЕСТЕ.
Десанка Ичитрајкова
<< Назад