„Отворени за споделување искуства“

„Дијагностика Фармахем“ е специјалистичка биохемиска лабораторија која постои и успешно работи од 1996 година.

Секоја година имаме огромно задоволство нашето работно искуство да го пренесеме на повеќе студенти од земјата и странство, кои доброволно доаѓаат кај нас со цел да се запознаат со принципите на повеќе биохемиски методи да стекнат солидна работна пракса. До сега, преку ИАЕСТЕ во „Дијагностика Фармахем“ работно искуство стекнале 7 студенти од: Јапонија, Данска, Хрватска, Р.Ирска, Австрија, Шкотска, како и студенти од Македонија.

Минатото лето ни беше чест да ја примиме во Анет Уде од Данска која во Македонија беше дојдена преку разменската програма на ИАЕСТЕ.

За време на неколку неделниот престој во Фармахем, Анет имаше можност да се запознае со повеќе аспекти од нашето работење, почнувајќи од основните чекори за успешно извршување на биохемиските анализи – земањето на материјал и неговата подготовка за понатамошна анализа, па се до издавање на резултати.

Анализите во нашата лабораторија се извршуваат на следните инструменти: Sysmex KX-21N (хематолошки анализатор) , Alcyon-Abbot (автоматски анализатор за клиничка биохемија), IMx-Abbot (имуноанализатор за ендокрини тестови, репродуктивни хормони, тумор маркери и хепатити), TDx-Abbot (анализатор за одредување на наркотици), А25-BioSystem (автоматски биохемиски анализатор).

Анет имаше можност да се запознае со начинот на работа на овие инструменти, како и со реагенсите кои што се користат за извршување на анализите.

Се надеваме дека за време на овие неколку недели, успеавме да и помогнеме на нашата гостинка да си го прошири, надгради и збогати сопственото знаење од областа на биохемијата.

Благодарни сме и на Анет на интернационалниот дух што го донесе и што со своето присуство ни ги разубави работните денови. Ни беше задоволство да размениме искуства за ваквите лаборатории во Данска, обновувајќи си го притоа англискиот јазик.

Исто така, Анет имаше можност да ги запознае убавините на нашата земја и на наше задоволство вети дека повторно ќе се врати во Македонија и во лабораторијата. Ваквото ветување го исполни Кенет од Данска, кој беше практикант во нашата лабораторија во 1998 година. Тој, оваа пролет, по 7 години се врати повторно да ја посети Македонија и „Дијагностика Фармахем“ , сега како магистер по биохемиски науки, а со себе донесе и нов подмладок на ИАЕСТЕ студенти.

„Дијагностика Фармахем“ ги поканува сите млади и амбициозни луѓе, кои имаат желба да се запознаат со практичната работа во една биохемиска лабораторија, да дојдат и да не посетат. Нашиот тим со искрено и големо задоволство ќе ги сподели своите искуства и со вас.

дипл. биохем. Васе Танска,
Дијагностика Фармахем

<< Назад

Bookmark and Share