„Ги охрабруваме студентите да бидат активни членови на ИАЕСТЕ“

ИАЕСТЕ лого

Задоволство е да се констатира дека уште од 70тите години на минатиот век македонскиот комитет во рамките на ИАЕСТЕ на поранешна Југославија, делегираше студенти од техничките факултети на студентска пракса во странство, а веќе петнаесет години ИАЕСТЕ Македонија, како самостојна организација, активно учествува во размена на студентски пракси на меѓународно ниво.

На тој начин се овозможува македонските студенти од техничките факултети да се здобиваат со практично искуство во рамките на бројни успешни компании во Европа и ширум светот. Престојот на нашите студенти во светските компании претставува можност за стручно усовршување и стекнување на знаења за современи техники и технологии, запознавање со методологии за водење на проекти и бизниси, развој на нови производи со иновативни пристапи, односно можност за севкупно работење - конкурентно на европскиот и светскиот пазар.

Освен глобализација на знаењето, практичната работа им овозможува на практикантите запознавање со реалните работни ситуации во животот кои се среќаваат при вработувањето, а претставуваат новост во споредба со факултетските клупи и студентскиот начин на живот. Воедно, на овој начин се овозможува отворање на нови хоризонти и развој на претприемнички и бизнис дух кај нашите студенти, идни инженери, стопанственици, односно учесници во економските текови на нашата држава.

Машинскиот факултет ги охрабрува студентите да бидат активни членови на ИАЕСТЕ организацијата, да учествуваат во ИАЕСТЕ активностите и да аплицираат за изведување на студентски пракси во компаниите во странство. Поаѓајки од фактот дека Машинскиот факултет ја поддржува иницијативата за размена на студенти, како и бројни стопански субјекти од Македонија, Факултетот секоја година прифаќа студенти од странство кои извршуваат практична работа во рамки на научно-истражувачките и апликативните активности кои се изведуваат на Факултетот.

Професор Валентина Гечевска,
Продекан за наука и меѓународна соработка на Машински факултет Скопје

<< Назад

Bookmark and Share