Меѓународни Настани
Годишна конференција
(Annual Conference - AC)
Секоја година средината на Јануари е резервирана за најважниот интернационален настан
во ИАЕСТЕ - генералната конференција. Како најмасовен ИАЕСТЕ настан, на генералната
конференција учествуваат по неколку претставници од сите земји членки со примарна
цел: размена на праксите. За секоја пракса која еден национален комитет има да ја
понуди во компанија во својата земја, за возврат добива точно една пракса за студент
од земјата од која доаѓа во некоја странска компанија. Подготвеноста на делегатите
од гледна точка на администрација и комуникациски вештини е од големо значење: треба
добро да ги познаваат праксите кои ги нудат како и барањата и желбите на членовите
на националниот комитет кој го претставуваат за да успеат на разменските сесии да
разменат што е можно повеќе и подобри пракси. На конференцијата уште има и работни
сесии на кои се одлучува по однос на прашања од работата и администрацијата на ИАЕСТЕ,
евентуални промени во статусот или правилникот, како и промена на интернационалното
раководството на кое му поминал мандатот т.е. гласање за нови членови во интернационалниот
одбор. Од неформалниот дел, секоја вечер е исполнета со различна активност: интернационална
вечер, гала вечер, претставување на земјата – домаќин, како и многу луди забави
со стари и новостекнати ИАЕСТЕ пријатели од целиот свет.
Семинар за развој на ИАЕСТЕ
(Seminar on IAESTE Development - SID)
Самото име на овој семинар зборува дека станува збор за настан чија цел е да се
разговара за досегашната и идната работа на ИАЕСТЕ и да ги дефинира приоритетите
во работата и да се фокусира на подобрување на организацијата и на национално и
на интернационално ниво. Овој семинар на едно место ги собира челните луѓе кои раководат
со националните комитети од сите земји – членки. Најважни прашања за кои обично
се дискутира се стратешкиот развој на ИАЕСТЕ на глобално ниво, администрацијата
на организацијата, развој на соработката со Клуб на ИАЕСТЕ Пријатели (КИП), маркетингот
и сл. Искуството донесено од SID е непроценливо за понатаможната работа на националниот
комитет. По семинарот најчесто следи и позабавен дел во вид на неколкудневна постсеминарска
тура низ земјата домаќин, која е супер можност за дружење со останатите луѓе од
Европа со кои ИАЕСТЕ ни е заедничка страст.
Македонија беше земја домаќин на овој настан во 2003 година.
Семинар за тренинг и мотивација
(Join Us to Motivate People - JUMP)
JUMP е официјалниот семинар за тренинг и мотивација на ИАЕСТЕ на меѓународно ниво. JUMP е основан
во 1995 година во Виена, Австрија на иницијатива на Мартин Клаус, поранешен член
на ИАЕСТЕ Австрија. Главната цел е новите членови на ИАЕСТЕ да се сретнат во различни
градови во Европа еднаш годишно во тек на четири дена во Септември или Октомври
за тренинзи и групи за дискусија. Овој семианр за тренинг и мотивација во главно
е фокусиран врз работилници во кои се решаваат разчични задачи за ИАЕСТЕ и лични
вештини. Битна компонента е и културната размена со тури во компании, културни настани
и тури и социјални настани кои вклучуваат локална кујна и обичаи.
Македонија беше земја домаќин на овој настан во 1998 година.
ЕКС Регионална Конференција
(EХ Regional Conference)
EКС е регионална конференција на која учествуваат земјите од поранешна Југославија.
Овие земји, покрај географската близина, делат и многу други заеднички работи: слична
судбина, сличен јазик и менталитет, слична економска ситуација, слични проблеми,
а оттука и слични предизвици во водењето на ИАЕСТЕ. На конференција се разговара
за интензивирање на соработката помеѓу националните комитет, промовирање на регионот
со заеднички сили за да стане поатрактивен за студентите од останатиот дел од светот,
како и договарање на заеднички викенди во текот на летната рецепција во кои практикантите
во сите овие земји ќе се соберат на едно место. Меѓу другото, овие неколку денови
на почетокот на мај се секогаш исполнети со луда забава и дружење.
Македонија е избрана да биде домаќин на оваа конференција во Мај 2010 година.
ТВИН Семинар
(TWIN Seminar)
Секоја година ИАЕСТЕ Македонија организира еден вид на културна размена со национален
комитет од друга земја која секогаш резултира со многу среќни лица и многу повеќе
разменети пракси со таа земја во наредната година. Семинарот TWIN се состои од два
дела. Најпрво околу 20-тина студенти од странскиот комитет доаѓаат на неколкудневна
посета на Македонија и се заљубуваат во неа, а потоа исто толку македонски студенти
поминуваат неколку дена во државата – близнак. Тоа се денови на интензивно дружење
со колегите од странство, патување низ земјата и излети во нејзините најатрактивни
градови и запознавање со нејзината култура, традиција и менталитет, но се одржуваат
и работни групи за подобрување на соработката и размена на искуства од работата
на националните комитети. Досега Македонија организирала TWIN средби со националните
комитети на Норвешка (2003), Данска (2004), Финска (2005), Австрија (2007), Полска
(2008) и Италија (2009).
Централно Европска Конвенција
(Central European Convention - CEC)
Централноевропската конвенција е еден од најважните интернационални настани во ИАЕСТЕ
во глобални рамки. Тоа е семинар кој се одржува два пати годишно – во пролет и во
есен, во една од шесте земји во Централна Европа: Унгарија, Словачка, Полска, Хрватска,
Чешка и ?. Останатите земји, како Македонија, се поканети да учествуваат со помал
број на делегати. CEC e одлична можност за запознавање и продлабочување на контактите
со останатите алки на ИАЕСТЕ семејството. Но најголемата придобивка е учеството
во работните групи каде можат да се слушнат многу вредни искуства од работата на
останатите национални комитети ширум Европа и да се добијат идеи за подобрување
на работата на ИАЕСТЕ. Како и секој интернационален настан, и CEC е „зачинет“ со
кратки прошетки низ земјата – домаќин, иинтернационална вечер, неконвенционално
претставување на секоја од земјите учеснички преку игри и арт-перформанси и, без
исклучок, многу забавни моменти со ново-стекнатите пријатели од ИАЕСТЕ.