Национални Настани
Семинар за тренинг и мотивација (СТМ)
Пролет е најдобро време за регрутација на нови членови во редовите на ИАЕСТЕ и ширење
на ИАЕСТЕ духот. Веднаш по засилената пролетна кампања за нови членови која се одвива
преку презентации и работни групи на сите факултети, како јаготка на шлагот следи
првото незаборавно ИАЕСТЕ искуство - Семинарот за тренинг и мотивација. Со други
зборови, искусните и новите членови два дена заедно на едно место, во природа, на
некоја убава локација во Македонија, во име на ИАЕСТЕ духот. Од различни team-building
игри, работни групи за запознавање со основните активности на ИАЕСТЕ, разменување
на искуства за функционирањето на ИАЕСТЕ и праксите во странство, воведување во
начинот на организирање на летната рецепција, планирање на викендите во летна рецепција,
brainstorming за промоција на организацијата и покачување на буџетот, па до големата
забава на отворено, СТМ е прв и пресуден чекор во ИАЕСТЕ за најголем дел од членовите.
Во организацијата и логистиката на СТМ се вклучуваат и искусните и новите членови
подеднакво, бидејќи секој е рамноправен дел од ИАЕСТЕ уште со првото доаѓање.
ИАЕСТЕ Ден
(IAESTE Day)
„ИАЕСТЕ Ден“ е годишен настан за глобална промоција на ИАЕСТЕ како и за продолжување
и продлабочување на контактите со компаниите, универзитетите, студентите и соработниците
на ИАЕСТЕ воопшто. Мотото на ИАЕСТЕ Денот e: „Global Party for Global Players“.
Сите национални комитети од целиот свет се поканети да се приклучат на оваа голема
забава и на свој специфичен и автентичен начин да ја одбележат и рашират идејата
на организацијата. Iaeste Day се одржува во третиот четврток од Октомври – вистинско
време за забава, со оглед на тоа што членовите се сеуште понесени и полни со ентузијазам
од прекрасното лето кое го поминале на пракса или дружејќи се со странските практиканти
во рамки на летната рецепција. ИАЕСТЕ Македонија не пропушта да го одбележи овој
ден преку необични и забавни активности во кои се обидува да ги вклучи и работодавците
и своите соработници. Неколку примери од претходните години: изложба на сувенири
што членовите ги донеле од своите авантури низ земјите кои ги посетиле, интернационална
вечер каде секој член ја претставува кујната и културата на земјата во која бил
на пракса, фудбалски натпревар помеѓу членовите и Клубот на ИАЕСТЕ Пријатели...
имагинацијата е единствена граница... ☺
ИАЕСТЕ Ноќ - Интернационална вечер
(IAESTE Night - International Evening)
Помеѓу многуте настани кои го исполнуваат летото на странските студенти за време
на нивниот престој во Македонија, највозбудлива и најинтересна е Интернационалната
вечер. Тоа е еден вид на голема интернационална забава каде на секој од практикантите
му се дава можност да ја претстави културата на својата земја на оригинален начин.
Секако, традиционалната трпеза на секоја од земјите е неизоставен дел од ваквите
вечери, а за уште повесело расположение се играат и пеат традиционални песни и игри
од сите земји. Ова е вечер во која во неформална атмосфера се сретнуваат и домаќините
од ИАЕСТЕ Македонија и практикантите, но и нивните работодавци од македонските компании
и институции. Посебен предизвик за членовите на ИАЕСТЕ Македонија е самата организација
на Интернационалната вечер која подразбира: контакти со медиуми, обезбедување на
финансии, креирање на програмата и подготовка на практикантите, поканување на гостите
и, што е најважно, многу готвачки вештини ☺
Национално собрание
Националното Собрание е највисок орган на ИАЕСТЕ Македонија и претставува Собир
на сите полноправни членови на ИАЕСТЕ Македонија. Се состанува по потреба, а најмалку
еднаш годишно во третата сабота од декември.
Годишното собрание - состанувањето на Националното собрание во третата недела од
декември е настан од најголема важност за ИАЕСТЕ Македонија.
Составен е од неофицијален и официјален дел. На неофицијалниот дел полноправните
членови од локалните комитети преку работни групи дискутираат на одредени теми и
области од работата на ИАЕСТЕ Македонија (финансии, маркетинг, обезбедување стручни
пракси, мотивација на нови членови, организација на настани, соработка со надворешни
фактори итн).
На официјалниот дел (во облик на собрание) се донесуваат важни одлуки за работата
на ИАЕСТЕ Македонија, а кои се во надлежност на Собранието. Се усвојува годишниот
план на активности за наредната година, се дискутираат приходите и расходите во
годината во изминување и се усвојува буџет за наредната; се потврдува делегацијата
која е избрана од Националниот одбор за Генералната конференција и се врши избор
на Национален секретар за наредната година; се дискутираат правни прашања, како
и измени на официјалните документи и се врши нивно изгласување по претходно доставени
предлози; се донесуваат препораки и одлуки за развојот на ИАЕСТЕ Македонија, внатрешната
организација и координацијата меѓу локалните комитети.